Украинските борци од „Азот“ бараат да им се овозможи извлекување од блокадата заедно со цивилите

Украинските борци, кои се блокирани во хемиската фабрика „Азот“ крај Северодонецк, на работ од одметната проруска источна област Луганск, побарале од проруските и руските сили да им биде овозможен слободен премин кон соседниот град Лисичанск кој сѐ уште е под контрола на силите лојални на Киев заедно со цивилите кои ги држат како заложници, пренесува во саботата агенцијата РИА повикувајќи се на извори од проруските единици запознаен со текот на преговорите.

Според соговорникот на агенцијата, во моментов во фабриката има останато уште околу 300 до 400 припадници на различни украински формации.

„Тие влегоа во преговори со нас, нивниот услов е да бидат пуштени кон соседниот Лисичанск, заедно со заложниците од цивилното население. Ние, се разбира, не се согласуваме со тоа“, рекол изворот на РИА.

Истакнал дека сите правци за извлекување на украинските борци од фабриката се отсечени.

„Комуникацијата со нив е воспоставена, преговорите најверојатно ќе продолжат“, додал соговорникот, според чиишто процени повеќе од 1.000 цивили, вклучително и неколку стотини работници во фабриката со членовите на нивните семејства и жители на околните населби, во моментов се во противоздушните засолниште на територијата на хемискиот комбинат „Азот“.

Претходно за ваквите преговори меѓу проруските сепаратисти и украинските борци во „Азот“ за руските медиуми зборуваше и ткн амбасадор во Москва на самопрогласената Луганска Народна Република, Родион Мирошник. Според него, таквите барања на украинската страна се неприфатливи, но доколку ги ослободат цивилите коишто според него ги држат како заложници и жив штит и се предадат, „ќе им биде гарантиран“ животот.

Претходно во саботата ноќта именуваниот од Киев гувернер на Луганск, Серхи Гајдај, во објава на Telegram каналот објави дека и натаму е под контрола на Украина хемиската фабрика „Азот“ во која „се засолниле стотици цивили“.

„Информациите за блокада на фабриката се лага. Нашите сили и натаму ја држат под контрола зоната Северодонецкј и ги напаѓаат и уништуваат руските сили во градот“, објави Гајдај.

Според украински извори во неколкуте засолништа под фабриката „Азот“ уште од советскиот период, „се засолниле“ околу 800 луѓе. Наводно, меѓу нив се 200 вработени во фабриката и 600 жители на Северодонецк.

Борбите за Северодонецк траат од почетокот на мај. Украинската страна често дава спротивставени објави дека нејзините сили или се повлекле или дека напредуваат во градот, признавајќи сепак дека сепаратистичките сили помогнати од руските единици заземале некои градски населби. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пак, претходно седмицава изјави дека станбените реони во градот се целосно ослободени, а дека продолжуваат борбите во индустриската зона каде е комбинатот „Азот“.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорси, се клучни за остварување на тој план.