Настан на неделата е обновувањето на непријателствата со Сирија. Падот на француската влада е сериозна конкуренција, но не е изненадување. На таа влада уште од самото формирање и се гледаше крајот. Прашање беше само кога ќе падне.
Подзаборавената Сирија изминатава недела повторно се врати на насловните страници на светските медиуми. За многумина неочекувано, про-турската исламистичка група ја потисна сириската армија и го зазеде вториот најголем град Алепо. Про-американската коалиција на сириските демократски сили исто така тргна во напад и влезе во градот Хана. Доколку на овие потези се гледа од локален аспект во тој случај логиката е едноставна. Сирискиот претседател Асад, во моментов, на своја страна го нема про-иранскиот Хезболах кој е зафатен, но и ослабен, од судирите со Израел, во Либан. Сириската армија е сеуште немоќна сама да се справи со овие сили, а претседателот Асад ништо не стори за да постигне политичко решение на внатрешната криза. Турција, ако и е за верување, ова цело време го повторува. Од друга страна САД јасно кажаа дека немаат намера да плачат над aсадовата судбина. На прв поглед се добива впечаток дека овие судири генерално се резултат на внатрешен замрзнат конфликт. Но, не ќе да е така.
Сирија е руски „носач на авиони“. За прв пат во историјата Русија благодарејќи на помошта што му ја даде на престедателот Асад, за време на граѓанската војна, за возврат доби можност на брегот на Средоземјето да воспостави свои воени бази. Да стане источно-медитеранска воена сила. Оттука секој успех на про-турските и проамериканските бунтовници да го семнат претседателот Асад, ќе преставува сериозна закана за иднината на овие бази. Русија ова многу добро го прочита. Нејзини воени авиони започнаа веднаш да ги гаѓаат позициите на исламистите. Иран, од своја страна, неможејќи да испрати единици на Хезболах, ги активираше своите шиитски сили во Ирак. Тие навлегоа во Сирија и започнаа да ги напаѓаат про-американските бунтовници. САД одговорија со воздушни напади. Москва и Вашингтон, за да избегнат директна конфронтација, веднаш стапија во контакт. За прв пат по повеќе од две години, началниците на генерал-штабовите на двете армии, по барање на руската страна, одржаа телефонски разговор.
Во моментов сеуште е рано да се предвиди резултатот од овој судир. Само едно е јасно. Тој избива во момент кога Украина продолжува да губи територии, а руските сили во Сирија се ослабени. Нејзините најмодерни авиони се на фронтот во Украина. Во Сирија се останати само мал број на застарени типови. Оттука, на прв поглед се чини, активирањето на „сирискиот фронт“ има за цел да го компензира неуспехот на укаринските сили во Курската област, но и да го забави напредувањето на руските сили, по должината на целиот фронт. Во оваа смисла, Русија јавно ја обвини Украина дека ги помага бунтовниците. Секое евентуално напредување на бунтовниците кон Дамаск, ќе ја принуди Русија да испрати засилување во Сирија. Најверојатно платеници! Втора варијанта е да побара Иран да испрати свои сили. Нешто што Изрел тешко дека ќе го толерира. Закажаните разговори помеѓу Русија, Турција и Ирак во Катар, би требало да наговестат некакво решение. Но, без активно учество на САД, тешко дека ќе биде одржливо на долг рок. Во секој случај, настаните во Сирија јасно ја покажуваат опасноста која го демнее светот, од судирот во Украина.
Одлуката на поголемиот број на земји членки на Европската Унија, како и на демократската администрација во Вашингтон, да играат „all in“ на победата на Украина, не ги дава посакуваните резултати. Дополнително, најавите на најблиските соработници на новоизбраниот престедател Трамп, дека Украина ќе требе да жртвува територии за мир, создава неспокој меѓу политичките елити. На моменти се чини дека овој неспокој прераснува во отворен антагонизам кон секој кој мисли поинаку. Нешто што е сериозна пречка во креирањето и водењето на нивните надворешни политики. Големите европски сили се доведоа во состојба да играат на картата на краткорочни надворешно политички цели. Во променето гео-политичко опкружување, тоа значи генерирање на нова нестабилност, но и внатрешно зајакнување на крајно-десните сили.
Моменталната состојба во Грузија е очигледен пример. На неодамна завршените избори победи партијата „Грузиски сон“, која со оваа држава владее веќе десет години. Оваа победа Европската Унија не ја очекуваше. Нејзините „гласоговорници“ силно навиваа за победа на опозицијата. Тоа не се случи. Мисијата на ОБСЕ излезе со сериозни забелешки околу целиот изборен тек. Европскиот парламент, да не закасни, донесе резолуција со која побара да се одржат нови изори. Влада на Грузија, во одговор на ова, ја прекина соработкта со Унијата, во следниве четири години. Резултат на сето ова е недела дена непрекинати судири помеѓу опозицијата и полицијата. Целосна блокада на државата, но и апсења на лидерите на опозицијата. САД го раскинаа стратешкиот договор за соработка обвинувајќи ја владата за про-руска политика. Велика Британија од своја страна исто така ја прекина работата на стратешкиот совет за соработка помеѓу двете влади. Обвинувањата се исти. Сето ова може да се проголта, доколку не постои една дилема. Десет години, оваа грузиска влада владее. Десет години, стратешкото партнерство со САД постои, десет години министри на британската и грузиската влада се среќаваат групно во Лондон и Тбилиси и наеднаш оваа влада одлучила да води про-руска политика. Да следи политики на држава која се уште под своја контрола држи територии на Грузија. Јужна Абхазија и Осетија се под контрола на Русија, но во исто време се и самопрогласени независни држави. За волја на вистината треба да се истакне дека во последниве години економската соработка помеѓу Русија и Грузија е зајакната, но ништо повеќе од тоа. Евентуалното враќање на овие две територии кон матичната држава, ни од далеку не е на повидок. Со самото тоа и евентуалното затоплување на нивните односи.
САД и неговите сојузници едноставно се надеваа дека со победата на опозицијата, Русија на својата граница ќе добие уште еден отворен противник. Противник кој ќе биде подготвен да се обиде да привлече нови руски воени сили во регионот. Да го забави напредувањето на Русите во Украина. Тоа не се случи, но се случи шарена револуција, чии последици веќе ги чувствува и соседната Ерменија. Ги чувствува и Европската Унија. Ова, по Исланд, е втор пат во нејзината историја, земја кандидат еднострано да ја прекине соработката. Меката сила на Унијата е разнишана, но лекцијата не е научена.
Кампањата за избор на нов претседател во Романија, течеше нормално. Анкетите покажуваа тесна, но сигурна победа на кандидат на умерените политички сили. Се случи шок. Од нигде никаде, во првиот круг победи независен крајно десен и про руски кандидат. Седум дена гласоговрониците на Европската Унија, наместо да анализираат што се случува во таа држава, ја обвинуваа Русија и мрежата Тик-Ток. Државната изборна комисија мораше да спроведе повторно пребројување на гласовите. Беше побарано од уставниот суд да донесе одлука за одржување на нови претседателски избори. Очигледно во него има умни луѓе. Не дозволија тоа да се случи. И во право беа. На парламентарните избори, одржани седум дека по претседателските, крајната десница освои над 30% од гласовите. Шансите за победа на независниот кандидат Ѓорѓеску, на изборите оваа недела се големи. Во моментов води на сите анкети. На европските партии, од центарот и лево и десно од него, а со тоа и различните европски влади, наместо да го прифатат фактот дека Романија се врти кон крајната десница, вината ја префрлаат на Русија. Се разбира, Русија не е цвеќе за мирисање! Ќе ја искористи секоја прилика, доколку и’ се покаже шанса. Посебно кога се работи за држава која, во моментов, е од исклучителен стратешки интерес за НАТО.
Како и да е, настаните во Грузија и Романија, покажуваат немоќ на Унијата да се соочи со сопствените предизвици, предизвикани и од војната во Украина. Обидите на Унијата за намалувањето на благосостојбата на своите граѓани да ја обвини Русија, не даваат резултати. Напротив, тие само и го олеснуваат маршот на крајната десница. Во крајна линија, леснотијата со која падна владата во Франција се јасен показател на расположението на граѓаните во таа земја, но и пошироко. Француската влада не падна заради Руското напредување во Украина. Таа падна заради незадоволството на граѓаните кои ја подржуваат крајната десница и левица од предложените мерки за штедење. Испровоцирани и од зголемувањето на воениот буџет како резултат на помошта која и се дава на Украина.
Примерите со Сирија, Грузија и Романија, јасно ги покажуваат и геополитичките и регионалните поместување, кој секој ден се случуваат како резултат на војната во Украина. Западен Балкан, полека, но сигурно го снемаува од видикот на силите од групата Г5. Со самото тоа се отвара можност локални сили намерно да предизвикуваат инциденти. Само и само да привлечат внимание и да добијат подршка за своите политики. Инцидентот со водоводот во Косово, сеедно кој е извршителот, е јасен показател. Исто како што е јасен показател и однесувањето на ДУИ, во Македонија. Во соопштенито издадено на 3 декември, оваа партија отвоено ја обвинува македонската влада за водење на про-руска политика. Главен носител на оваа политика, според неа, е потпретседателот Стоиљковиќ, кој своите активности ги координира со српскиот заменик премиер Вулин. Главна цел на оваа политика да се уништат темелите на Охридскиот рамковен договор и да се одвлече вниманието од неуспехот да се реализираат неопходните уставни промени.
Изготвувачите на ова соопштение добро знаат дека не ја зборуваат вистината. Таа на нив не им е важна. Важно е легитимно избраната влада во Македонија да се обвини дека води антиалбанска и про-руска политика. Уште поважно, таа политика да се стави во контекст на српско-косовските недоразбирања. Играат на картата една или повеќе големи сили да загризат на мамката. Се разбира, во вакви нестабилни времиња, се е можно. Претпоставка е дека македонската влада и органите задолжени за безбедноста на државата го знаат ова. Будно ја следат деструктивната политика на ДУИ, и нејзните сателити. Но, и превентивно делуваат.
На Македонија не и е потребна нова шарена револуција. Сеедно дали е обоена граѓански или етнички!
Автор: Јован Донев за НетПрес