Русите ќе одговорат со уште поголема сплотеност на обидите за провокација, а украинските напади врз руската територија нема да останат неказнети, порача рускиот претседател Владимир Путин во петокот попладнето на состанокот со постојаните членови на националниот Совет за безбедност.
Путин во делот од состанокот во кој пристап имаа медиумите, изјави дека претставници на киевскиот режим извеле неколку саботажи и терористички напади во пограничните региони на Русија, со цел да го попречат одржувањето на претседателските избори.
„Почнувајќи од 12-ти март до денеска, непријателот ангажирајќи специјални сили, странски платеници и сили за поддршка на украинските вооружени сили, направија неколку обиди да навлезат и да се зацврстат на нашата територија (…) Ниту во еден правец немаа успех, секаде беа отфрлени назад и се повлече, поточно побегна, со големи загуби“, истакна Путин.
Изминатите денови наводните „руски партизани“, како „Руски доброволечки баталјон“, „Сибирски баталјон“ и „Легијата за слободна Русија“, составени од странски платеници и од руски неонацисти осудени во Русија за екстремизам кои побегнале од земја и во Украина се обучувани од западни офицери, објавуваат на социјалните мрежи дека наводно се борат во областа на западните руски градови Белгород и Курск, на околу триесетина километри од границата.
Во ланските такви напади во Белгород беше убиен еден маж и едно дете, а во сегашните убиени се три лица, цивили.
„Злосторствата на непријателот нема да минат неказнето“, порача рускиот претседател додавајќи дека ќе биде обезбедена сета неопходна помош на жителите на пограничните региони кои се под украински напади.
Путин прецизираше дека изведени се вкупно четири напади во областа на Белгород и еден во областа на Курск. Рече дека во нападите зад кои стојат поддржувачите на Киев биле вклучени 2.500 војници,, со поддршка на 35 тенкови и 40 борбени оклопни возила, и ракетни и напади со дронови. Околу 60 отсто од тие војници се трајно онеспособени, а уништени се околу половината од сите околни возила. Додаде дека околу 95 отсто од проектилите и беспилотните летала ги соборила руската противвоздушна одбрана.
Путин рече дека во одбивањето на обидите за пробив на руската територија учествувале единици на борбената група на руската армија „Запад“ и единици на Федералната служба за безбедност (ФСБ). Прецизираше дека во воздушните и артилериски удари врз овие украински формации биле убиени најмалку 550 диверзанти, 16 тенкови, 19 тешки оклопни борбени возила од кои 11 „Bradley“ од американско производство, какои 15 специјални воени возила.
„Сигурен сум дека нашиот народ на ова ќе одговори со уште поголемо единство. Кого решиле да заплашат? Многунационалниот народ на Русија? Тоа никогаш не се случил и, убеден сум, никогаш и нема да се случи… Овие напади не останаа и нема да останат неказнети“, порача Путин.
Според него, втората цел на украинските власти и нивните поддржувачи со овие напади била да го оттргне вниманието на своите граѓани и јавноста во другите земји, од кои Украина „искамчува пари и други средства, од вистинската состојба на работите на фронтот, каде што руските трупи самоуверено држат иницијативата“.