Запрен е обидот за напредување на украинските трупи во северниот дел на јужниот украински регион Херсон кој по неодамнешниот референдум на тамошното мнозинско население стана дел од Русија, изјавил за агенцијата РИА, заменикот на челникот на тамошната проруска сепаратистичка администрација Кирил Стремоусов,
„Во регионот Херсон никој никаде не се повлекува. Напредувањето на украинските нацисти и странските платеници беше запрено на одбранбените линии формирани од нашата војска. Благодарение на координацијата на Министерството за одбрана и руската Национална гарда во правец на Херсон, сѐ е под контрола, нема паника. Тука го задржуваат налетот на добровооружените нацисти, во чии редови има многу платеници“, рекол Стремоусов.
Според него, украинските сили заземале неколку села близу линијата на фронтот кои биле дел од ткн „сива зона“ или „ничија земја“ од правецот на Кривиј Рог, а од правецот на Николаев сите обиди за напредување биле запрени на периферијата на регионот Херсон.
„Сивата зона, каде што наводно се утврдиле нацистите, беше територија на која немаше формирано линија на одбраната. Сега сѐ обидуваат на рабните области, но нашата армија херојски ја држи линијата и покрај побројните сили на непријателот. Украинските нацисти не напредуваат, заглавени се и едноставно се разбиени со помош на артилериските и воздухопловните сили. Денацизацијата и демилитаризацијата на вооружените сили на Украина е во тек“, додал Стремоусов.