Украинската влада им забрани на монасите на канонската Украинска православна црква да користат некои простории во Киевско-Печерската лавра и бара тие да ги напуштат овие простории до 4 јули, според црковниот адвокат.
Адвокатот Никита Чекман рече дека украинското Министерство за култура ги објавило ограничувањата во писмо, чиј примерок го објави на Телеграм.
Во писмото се вели дека владиниот субјект кој раководи со манастирот одлучил да го прекине пристапот на монасите на манастирот до некои простории и да формира комисија за запечатување на зградите, која ќе започне со работа на 4 јули.
„Во таа насока бараме од вас да ги ослободите просториите и да ги предадете клучевите“, се вели во писмото.
Според додаток на писмото, монасите мора да ослободат пет згради на Долна Лавра, чија територија е под јурисдикција на Украинската православна цркца.
„Доколку манастирот одбие да ги предаде клучевите од зградите наведени овде, бравите ќе бидат заменети и просториите ќе бидат запечатени“, се вели во писмото.
Чекман изрази огорченост што Министерството за култура презема такви чекори без да чека судска одлука за ова прашање.
Ситуацијата околу Киевско-Печерската лавра, еден од првите руски манастири и најстариот манастир во денешна Украина, ескалира на крајот на март. Владата еднострано го раскина договорот за закуп со канонската црква и побара монасите да го напуштат манастирот. Монасите на Украинската православна црква одбија да се усогласат и двете страни го изнесоа предметот на суд.