Украинските војници од Харков кои одбиле да се борат може да се вратат дома

На првите украински војници од Харковскиот регион, на истокот на Украина, кои го положиле оружјето и одбиле да се борат против заедничките сили на проруските сепаратисти и руската војска, им е дозволено да се вратат во своите семејства, пренесува во понеделникот агенцијата РИА повикувајќи се на привремените власти на регионот кој е под контрола на руските единици.

Заробените украински војници се ослободуваат под услов да живеат на териториите кои се под контрола на проруските и руските сили. Исто така, тие не смеат да бидат осомничени дека учествувале во операции кои се сметаат за воени злосторства извршени од силите лојални на владата во Киев.

Меѓу првите кои се вратиле во своите семејства се тројца војници по договор, пренесува дописникот на агенцијата. Тие, како што се додава, ги повикале своите колеги по оружје да ги положат оружјето и „да престанат да ги следат злосторничките наредби од Киев“.

Сите поранешни воени лица кои ги минале проверките, ќе мора да се пријават кај локалните власти на териториите кои се под контрола на проруските власти. Исто така, изречена им е привремена забрана за напуштање на регионот.

Во извештајот се додава дека руските сили во заеднички операции со силите на одметнатите проруските региони во Луганск и Доњецк, целосно, во моментов ја контролираат целата административна територија на самопрогласената ткн Народна Република Луганск до пред превратот во 2014 година, како и поголемиот дел од Доњецк, вклучувајќи ги градовите Мариупол, Волноваха и Свјатигорск, како и целата област Херсон, приазовските региони Запорожје и дел од Хакров, каде се формирани четири нови привремени локални администрации со седишта во четири градови.