Во пресрет на долгонајавуваната претстојна противофанзива на украинската војска, германските инструктори ги обучуваат украинските војници за борби во населени места во десетина воени бази на Бундесверот ширум Германија, пишува во саботата весникот Bild повикувајќи се на свои извори.
Покрај за увежбувањето на координација во услови на градски средини, базите на германската армија се користат и за обука на украински екипажи за користење на германските тенкови „Leopard 2“ и самоодните хаубици „Panzerhaubitze 2000“. Во моментов вкупно илјада украински војници се подготвуваат за тоа, пишува Bild, но тешко дека станува збор за веродостоен податок.
Претходно од Пентагон потврдија дека американските решки тенкови „M-1 Abrams“ кои се префрлени во Германија се исклучиво наменети за обука на украинските тенковски екипажи и не се планирани за воени дејствија.
Се додава дека тие не се преуредени тенкови какви што евентуално се планираат да бидат испратени на украинското боиште според спецификите на теренот во Украина и кои ќе бидат користени во борбените дејствија. Извори од Пентагон, исто така, рекоа дека тенковите наменети за директните борбени операции во Украина нема да доаѓаат од резервите на копнените сили на САД, туку од други извори но не ги наведоа. Тоа, според нив, ќе му овозможи на Вашингтон да ја изведува обуката на украинската војска истовремено и со производството на тенковите.
На почетокот од седмицава беше објавени дека американските инструктори планираат да ја започнат обуката на украинските војници на тенковите „Abrams“ во Германија следните седмици.
Украинскиот премиер Денис Шмигал на почетокот од април изјави дека украинската противофанзива би можела да започне на почетокот од летото. Подоцна тој рече дека офанзивата ќе започне „наскоро“. Американските медиуми објавија дека украинската контраофанзива наводно треба да започна на 30-ти април. Меѓутоа, според воените аналитичари не може целосно да се верува во контрадикторните изјави од Киев од Вашингтон, и според нив може да станува збор за дел од кампањата на дезинформации.