Украинското специјализирано обвинителство за борба против корупцијата денеска соопшти дека градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, е уапсен во врска со истрагата за наводна корупција, пренесуваат британските медиуми.
Труханов беше избран за градоначалник на Одеса во 2014 година и е под истрага од 2017 година поради наводи за злоупотреба, кои тој ги негира.
Според обвинителството, Врховниот антикорупциски суд на Украина (ВАКС) наредил на Труханов да му биде одреден двомесечен притвор, со алтернатива да плати кауција од 13,6 милиони гривни (речиси 372.000 долари) за кривичното дело злоупотреба на државни средства при откупот од страна на општинскиот совет на комбинатот „Крајан“.
Судот делумно го уважи барањето на обвинителството, бидејќи обвинетиот не ја приложил претходно одобрената гаранција, соопшти Специјализираното антикорупциско обвинителство.
На 25 април, ВАКС одреди кауција од 30,8 милиони гривни (844.000 долари) за градоначалникот на Одеса.
На 9 јули 2019 година, Окружниот суд Малиновски во Одеса ги прогласи Труханов и неколку службеници од локалниот општински совет за невини, но обвинителството влижи жалба на одлуката. На 11 февруари 2021 година, Жалбениот совет на ВАКС ја укина ослободителната пресуда за сите обвинети во случајот и предметот го врати на ново судење.