Украинското знаме подигнато во Херсон, град заземен од Русите

Градоначалникот на украинскиот град Херсон, заземен од Русија, Ихор Колихајев, објави фотографии од украинско знаме поставено на ѕидот на градското собрание.

Руските сили обично се стационирани во градското собрание, но се чини дека не интервенирале, јави Си-Ен-Ен.

На фотографиите се гледаат работници на кран како го поставуваат новото знаме.

– Ноќта кога беше гранатиран градскиот совет, жицата на која се наоѓаше нашето национално знаме беше оштетена. Денеска најдовме начин да ја замениме. Имај убав ден, мој граду-херој – додаде Колихајев.

Херсон, клучен пристанишен град на Црното Море, во јужна Украина, беше заземен од руските сили на 2 март, по неколкудневно силно бомбардирање и гранатирање.