Украл автомобил па удрил во банкина

Полицијата трага по крадец на автомобил кој направил сообраќајка со украденото возило, во средата во центарот на Скопје. Според полицијата, кражбата се случила околу полноќ, кога С.Х.(29) од Скопје управувајќи автомобил „фолксваген поло“, движејќи се по булеварот Партизански одреди застанал пред аптека и го оставил возилото да работи. Во истиот момент зад него се паркирал неговиот пријател Ф.Р.К.(20) со автомобил „БМВ“. Тогаш наишле три непознати машки кои се движеле по тротоарот, а едниот од нив влегол во „полото“, го стартувал возилото и побегнал. Другите двајца продолжиле да се движат пеш, а Ф.Р.К. со неговиот автомобил се упатил по украдениот автомобил следејќи го по булевар Св. Климент Охридски. Потерата ја продолжил и по булевар Митрополит Теодосиј Гологанов каде крадецот изгубил  контрола над одземеното возило и удрил во металната ограда на тротоарот. Тоа не го сопрело, па продолжил да вози кон улицата Костурски Херои каде што го оставил автомобилот на тротоарот и побегнал. Полицијата работи на целосно расчистување на случајот.