Полицијата уапсила тројца разбојници осомничени дека украле 144.000 евра од прилепчанец, информираше МВР. Разбојништвото се случило во август годинава во Струга.
Станува збор за О.А.(40) од село велешкото Бузалково, Ј.З. (45) од село Кочилари, Градско како и Ф.И.(35) од струшко Радолишта. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга против нив поднесе кривична пријава за разбојништво.
Според полицијата, тројцата на 27.08. годинава во 14.20 часот на улицата Битолски Конгрес го ограбиле Д.З.(26) од Прилеп. Осомничените го нападнале прилепчанецот и откако го удриле неколку пати го испрскале со со спреј – солзавец. Откако го онеспособиле му го зеле ранецот во кој имало 8.800.000 денари, а потоа со автомобил „фолксваген голф 3“ заминале во непознат правец.
Основното јавно обвинителство Струга донесе наредба за спроведување истражна постапка за разбојништво против уапсените.
Разбојништвото се случило додека се движело кон својот паркиран автомобил и најпрвин со тупаници и клоци, а потоа и со употреба на спреј, успеале да му одземат поголема сума пари. На оштетениот му биле одземени 3.500 австралиски долари, 7.320 швајцарски франци, 100 британски фунти, 4.165 американски долари, 500 канадски долари, 13.565 евра, 1.000 шведски круни, 100 дански круни, како и 7.186.152 денари, кои ги носел со себе. По грабежот осомничените влегле во автомобил и избегале во правец кон Кичево. Според сознанијата на истрагата, осомничените подолго време го следеле оштетениот, кој бил вработен во менувачница во Прилеп, а патувал со поголема сума пари кои ги разменувал во Струга, велат од ОЈО.