Улчар за „Белата книга“: Нека пишуваат што сакаат, Македонците имаат свој јазик, наскоро и власт што ќе ги штити интересите

Може да пишуваат што сакаат, ова е 21 век, вели професорката од Институтот за македонски јазик Елка Јачева-Улчар за најавата дека наскоро во Бугарија ќе биде објавена книгата „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“, како приватна иницијатива, во која ќе бидат презентирани примери „за кражба на бугарската историја, за уништување на бугарските споменици и за репресија врз Македонците кои се сметаат себеси за Бугари“.

– Може да пишуваат што сакаат, ова е 21 век. Македонците денес имаат своја држава и свој нормиран јазик што го зборуваат. Многу наскоро ќе имаат и власт што ќе ги штити интересите на своите граѓани, а не трговци за туѓи бели дворови. Јазик не се менува на овој начин. Македонскиот јазик ќе постои се додека е жив и последниот Македонец – вели  Јачева-Улчар за „Слободен печат“.

Професорката Ана Конова, која е рецензент на книгата порача дека целта е „да даде примери за кражбата на бугарското наследство и кршење на човековите права во Северна Македонија“. Според неа, позицијата на Бугарија за европската интеграција на Скопје не е доволно јасно артикулирана за да им биде јасна на европските партнери.