Сопругата на Навални: Резултатите од изборите не се важни, Путин не е легитимен претседател на Русија

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денеска изјави дека Владимир Путин не е легитимен претседател на Русија, додавајќи дека ќе се обиде да ги убеди светските лидери да не преговараат со него.

Во видео обраќање на социјалните мрежи, таа го пофали учеството на, како што рече, илјадници луѓе низ Русија и во странство за време на протестите на денот на изборите, пренесуваат британските медиуми.

-Ние си докажавме себеси и на другите дека Путин не е наш претседател, рече Навална.

Таа додаде дека „изборните резултати не се важни“.

-Ќе обезбедиме никој во светот да не го признае Путин како легитимен претседател. Никој да не седне со него на преговарачка маса, рече Навална.

На претседателските избори, што се одржаа од 15 до 17 март, актуелниот претседател освои 87,28 отсто од гласовите на избирачите, покажуваат прелиминарните податоци што ги објави руската Централна изборна комисија врз основа на 100 отсто обработени гласачки ливчиња.

Сопругот на Навална, Алексеј Навални, почина на 16 февруари во затвор во Русија, по што руските власти објавија дека лидерот на опозицијата починал од природна смрт.

Навална го обвини рускиот претседател за убиство на нејзиниот сопруг, но Кремљ ги отфрли обвинувањата.