Јулија Тимошенко хоспитализирана во тешка состојба со коронавирус

Поранешната украинска премиерка и лидер на парламетарната партија Татковина, Јулија Тимошенко, е позитивна на новиот коронавирус SARS-CoV-2 и е примена во болница во сериозна здравствена состојба, потврди во неделата нејзината портпаролка.

„Да, за жал, тоа е вистина. Тестот покажа дека Јулија Владимировна (Тимошенко) има Covid-19. Нејзината состојба се оценува како сериозна. Температурата се качува до 39. Се бори“, објави портпаролката Марина Сорока на Facebook, но не потврдува дали политичарката е примена во болница.

Педесет и деветгодишната Тимошенко, која двапати беше премиерка пред поразот на претседателските избори во 2010 година, е првата висока украинска политичарка која е заразена со коронавирусот.

Во Украина оваа седмица забележан е значителен пораст на заболените. Во саботата беа потврдени 2.328 нови случаи. Вкупниот број заразени од почетокот на епидемијата во земјата е 104.058, додека починаа 2.271 лице.

Јулија Тимошенко беше најистакнатата соработничка на подоцнежниот претседател Виктор Јушченко во текот на „Портокаловата револуција“ од 2004 година. Оваа револуција поддржана од Западот следеше по вториот круг од претседателските избори во земјата во кои водеше дотогашниот премиер Виктор Јанукович, кој се сметаше за кандидат наклонет кон Русија. Јушченко потоа беше прогласен за претседател.

Тимошенко двапата ја извршуваше должноста премиер на Украина, а со Јушченко се разиде по повеќегодишни политички превирања и меѓусебни обвинувања за корупција.

Американскиот магазин Forbes своевремено ја прогласи за третата најмоќна жена во Европа, а ја следеа повеќе прекари како „Јована Орлеанска на Украина“, „Кралицата на гасот“ и „Принцезата Леа“.

Се кандидираше за претседателка на изборите во 2010 година и загуби од Виктор Јанукович. Во 2011 година беше осудена на седум години затвор по низа обвиненија за злоупотреба на должноста, од нарачка на убиство на бизнисмен, до штетен договор за увоз на гас од Русија, корупциска набавака на амбулантни возила од САД до коруптивна препродажба на украинските квоти за емисии на штетни гасови… Таа ги отфрлаше обвинувањата тврдејќи дека се политички мотивирани. Беше ослободена по инсистирање во прв ред на Германија која издејствува притисок на Москва врз Јанукович.