Легендарниот репрезентативец на Германија, Ули Хенес пред неколку минути потврди дека се повлекува од функцијата претседател на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М) и дека е подготвен да ја одлежи затворската казна од три и пол години која ја доби поради затајување на данок.
“Разговарав со мојата фамилија и дојдов до заклучок дека треба да ја прифатам затворската казна. Нема да понесам жалба, нема да се жалам. Мислам дека ја направив најголемата грешка во мојот живот, не смеев да затајувам данок. Мора да се соочам и со оваа ситуација. Поради новонастанатата ситуација, јас се повлекувам од функцијата претседател на Баерн (М). Не сакам уште повеќе да му наштетам на мојот клуб. Баерн (М) е мојот живот и секогаш ќе биде. Ќе останам во контакт со клупските челници и така ќе биде до крајот од мојот живот. Јавно им се заблагодарувам на сите тие кои ми дадоа огромна поддршка во овој тежок период”, изјави Хенес.