„Уметност за сите“ – инклузија на лицата со попреченост (ВИДЕО)

„Уметност за сите“ е ликовно едукативен проект наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средно образование, организиран од Националната галерија на Македонија.

Проектот ќе се реализира во четири циклуси од по три месеци до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп.
Стартува со децата со аутизам и фотографијата. Станува збор за организирано фотографирање на различни локации низ Скопје, како Зоолошката градина, Градскиот парк и Старата скопска чаршија.

Националната галерија на Македонија, по бројните реализирани проекти наменети за лицата од ранливите категории во последниве неколку години, се осмели да се исправи пред еден сериозен зафат. Да исчекори малку понапред од она што беше зачнато со работилниците чија цел беше да се анимираат децата со различен спектар на попреченост, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби… нудејќи можност за социјална инклузија со вклучување на врсниците од редовната образовна програма.

Проектот „Уметност за сите“ е финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.