Јунајтед по драматична победа во манчестерско финале во ФА Купот

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед по драматична борба и изведување пенали на лондонски „Вембли“ го победија второлигашот Ковентри со 7:5 и се изборија за финалето на англискиот ФА Куп.

Така финалето на 25 мај ќе се повтори манчестерското финале. Дуелот за титулата ќе го играат Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити како и минатата сезона кога Сити победи со 2:1.

До 71. минута од полуфиналниот меч Манчестер Јунајтед водеше со големи 3:0 против Ковентри, моментално осмиот тим во англиската втора лига. Но, Ковентри се врати, израмни на 3:3 и беше милиметри блиску до финалето, но на крајот потклекна по ударите од белата точка.

Се чинеше дека Манчестер Јунајтед го уништи Ковентри по еден час игра. Во тој момент водеше со 3:0 по головите на МекТоминај во 23., Мегваер во судиското надополнување од првото полувреме и Бруно Фернандеш во 58. минута.

Упорниот второлигаш имаше многу сили да одговори и најпрвин Симс намали на 1:3 во 71. минута, додека О’Хејри во 79. погоди од далечина со помош на Ван-Бисака за 2:3. Ковентри со сите сили тргна по трет гол и продолженија, кои ги обезбеди кога Рајт во 95. минута погоди од белата точка за 3:3.

Во дополнителните 30 минути немаше голови, иако и двете екипи создадоа бројни прилики за гол, па дури и Ковентри беше поблиску до пласманот. Во второто продолжение Симс ја погоди гредата, додека во последните секунди Ковентри погоди и бурно го прослави четвртиот гол кој го постигна Торп. За жал на второлигашот, голот беше поништен поради минимална офсајд позиција.

Победникот беше решен во изведувањето на пенали, каде што О’Хејри и Шиф промашија пенали за Ковентри и Касемиро за Манчестер Јунајтед. Хојлунд го постигна решавачкиот гол за големото славје на Манчестер Јунајтед.

Бранителот на титулата Манчестер Сити го резервира своето место во новото финале на ФА Купот со победата од 1:0 над Челзи во саботата. Стрелец на единствениот гол беше Бернардо Силва во 84. минута.