УНЕСКО: Последните две години секој четврти ден е убиен по еден новинар

Наназад две години, по еден новинар го губеше животот секој четврти ден, се вели во извештајот на УНЕСКО објавен во саботата, на Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите.

Од 162 убиени новинари во периодот од последните две години, повеќе од половина се убиени во земјите погодени од вооружени конфликти. Повеќето од нив починале во своите земји, се наведува во извештајот на Агенцијата на ОН за наука и култура.

Новинарите кои загинале во земји кои не биле вклучени во воен конфликт биле убиени поради известување за организиран криминал, корупција или додека покривале протестни собири.

Бројката од 162 убиени новинари во 2022/2023 година претставува зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период во кој УНЕСКО забележа 117 убиства на новинари.

Во 2022 година најмногу новинари биле убиени во Мексико – 19, додека во 2023 година најмногу новинари биле убиени на палестинските територии, каде биле убиени 24 медиумски работници.

Според извештајот, областите каде што се убиени најмногу новинари се арапските земји, Латинска Америка и Карибите.

За повеќето од овие случаи никој не одговарал. Досегашната глобална стапка на неказнивост во 2024 година е 85 отсто, што е благо намалување од 89 отсто во 2018 година и 95 отсто во 2012 година.

„На овој Меѓународен ден, да се потсетиме на важноста на безбедноста, независноста и заштитата на новинарите во извршувањето на нивната мисија, што е од суштинско значење за мирот и општествениот напредок“, рече генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.