Унгарската влада инсистира дека Унгарците нема да ја плаќаат цената на војната во Украина, изјави во неделата министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
Во изјавата за радиото Kossuth, Сијарто изјави дека Унгарците на ниеден начин не се виновни за избувнување на војната во Украина, па доколу Европската комисија има намера да воведе ембарго на увозот и транспортот на руската нафта, таа мора да гарантира дека оваа мерка нема да ги погоди Унгарците, ниту унгарската енергетска безбедност.
Кога во овој момент би било усвоено ембаргото на нафтата, што е дел е шестиот пакет санкции на Европската унија против Русија поради нејзината воена интервенција во Украина, Унгарија не би можела да добие сирова нафта којашто ѝ е потребна за функциорање на нејзината национална економија, појасни Сијарто.
Владата во Будимпешта ќе го прифати предлогот само доколку „Комисијата понуди решение за проблемот што го создаде“, изјави шефот на унгарската дипломатија.
Првиот проблем е што унгарските рафинерии ќе мораат технички да бидат изменети за преработка на друг тип нафта, што ќе чини меѓу 500 и 550 милиони евра. Дополнителни 200 милиони евра ќе мора да бидат потрошени на подобрување на капацитетите за нафтоводот преку Хрватска.
Доколку Унгарија ќе мора да увезува сирова нафта од други извори а не од Русија, на која отпаѓа 65 отсто од унгарската потрошувачка на нафтата, цените на горивата во земјата би се зголемиле за 55 до 60 отсто.
Сијарто додаде дека земјите членки на Европската унија пред неколку месеци се договорија во Париз дека секој чекор со којшто ќе ја намалуваат зависноста од руските енергенси ќе мора да ја зема предвид специфичната ситуација на секоја земја.