Унгарија ја осуди одлуката на ЕУ да ја казни Полска за правосудните реформи

Унгарија оцени дека европските институции се однесуваат арогантно настојувајќи финансиски да ја казнат Полска поради воспотавување на националниот Дисциплински совет за правосудството, а унгарската министрка за правда Јудит Варга порача дека тоа е неприфатливо.

„(Унгарската) влада одлучи … да донесе резолуција во којашто ѝ изразува поддршкана Полска и ги осудува малициозните напади од Брисел“, објави Варга на својот профил на Facebook во средата доцна вечерта.

Полска пред три седмици објави дека Дисциплинскиот совет ќе биде распуштен во рамките на пошироките правосудни реформи следните месеци. Но Европската комисија одлучи претхподно седмицава да ги преземе мерките и да предложи финансиско казнување на Варшава, бидејќи оцени дека овој совет веќе се користел за притисок врз судиите или за наводна политичка контрола над судските одлуки, со што се поткопувало законодавството во Европската унија.

Варга притоа порачува дека игнорирањето на полските ветувања претставува „скандалозен и арогантен“ потег на ЕК и „мешање во правосудниот и законодавен процес на суверена држава членка на незапаметен начин“.

Во Брисел каде преовладуваат бирократски и неолиберални ставови, Унгарија и Полска кои се предводени од конзервативни влади долги години се доживуваат како сојузници во низата спорови со ЕУ околку прашањата како што се владеењето на правото, медиумските слободи и правата на ЛГБТ заедниците. Будимпешта и Варшава повеќепати истакнуваат дека ги заштитуваат своите тредиционални општества од западниот либерализам кој ги укинува суверените права на нациите и државите.

Европската комисија во вторникот побара од Судот на Европската унија на Полска да ѝ наметне финансиски санкции поради непочитувањето на налогот на овој суд во врска со функционирањето на Дисциплинскиот совет, нова институција во полскиот правосуден систем воведена во рамките на обемните правсудни реформи кои последните години ги спроведува владејачката коалиција.

Судот на ЕУ на 14-ти јули ѝ наложи на Полска веднаш да ги запре дејствијата на Дисциплинскиот совет. Судот, исто така, утврдил дека непристрасноста и независноста на новиот Дисциплински совет не се доволно гарантирани и дека нема заштита од директно или индиректно влијание од извршната и од законодавната власт.

Потоа Европската комисија побара од Полска да ја испочитуваа оваа наредба на Судот на ЕУ и порача дека во спротивно ќе бара финансиски санкции.

Денеска ЕК објави дека Полска не ги преземала сите потребни мерки за спроведување на налогот на Судот на ЕУ, наведувајќи дека Дисциплинскиот совет продолжил да делува. Комисијата, поради тоа побара од Судот на ЕУ на Полска да ѝ изрече парична казна за секој ден сѐ додека мерките изречени во судскиот налог не започнат потполно да се спроведуваат.

„Правосудните системи ширум Европската унија мора да бидат независни и чесни. Правата на граѓаните на ЕУ мора да бидат гарантирани на ист начин, каде и да живеат во Европската унија“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Европската комисија, исто така, во вторникот ѝ испратила на Полска официјална опомена, што претставува прв чекор во покренувањето на постапка пред Судот на ЕУ, затоа што полската влада не ги преземала мерките за за да се усогласи со одлуката на Судот на ЕУ кој утврдил дека законот за дисциплинскиот режим не е во согласност со правните вредности на ЕУ.