Унгарија ќе ги укине транзитните кампови за азилантите

Унгарија ќе ги укине пограничните транзитни кампови во кои ги задржува барателите на азил додека властите ги проучуваат нивните барања, откако Европскиот суд одлучи дека таквата практика е незаконска, изјави во четвртокот помошникот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Судот на Европската унија досуди минатиот четврток дека веднаш мора да се ослободат четворица баратели на азил кои се заглавени во транзитната зона на унгарско-српската граница, во којашто азилантите се згрижуваат во бродски контејнери.

„Унгарската влада не се согласива со пресудата, ние сметаме дека тоа претставува ризик по прашањето на европската безбедност, но како членка на ЕУ, ќе се придржуваме до сите пресуди на судот“, изјави Гергели Гулјас на онлајн-брифингот за медиумите.

Судот ги разгледувал случаите на двајца Авганистанци и на двајца Иранци кои влегле во Унгрија од Србија кон крајот на 2018 година и на почетокот од 2019-та, и се пријавиле за зиал на српско-унгарската граница во транзитната зона Рожке.

Според Гулјас, четворицата мажи кои се наоѓаат во транзитната зона ќе бидат префрлени на друго место, додека другите 280 лица ќе бидат преместени во институција за баратели на азил. По укинувањето на транзитните зони, барањата за азил можат само да се поднесуваат во унгарските амбасади и конзулати, посочи советникот на премиерот.

Во текот на кулминацијата на мигрантската криза во 2015 година, Унгарија ефикасно со жичана ограда ја запечати јужната унгарска граница, откако светските агенции објавуваа репортажи за стотиците илјадници баратели на азил кои ги блокираа унгарските гранични премини, како и автобуската и железничката станица во Будимпешта, на нивниот пат кон западните земји во Европа.