Унгарија формира агенција за борба против корупцијата

Унгарија ќе формира антикорупциска агенција и работна група за следење на трошењето на средствата на Европската унија, во која ќе бидат вклучени и невладини организации, објави владата во декретот објавен во службениот весник, пренесува Ројтерс.

Унгарската влада до 30 септември во парламентот ќе го претстави нацрт-законот за независно антикорупциско тело и очекува тој да биде формиран до 21 ноември, наведува британската агенција.

Новото тело ќе реагира во случаи кога унгарските власти не преземаат доволно чекори за „спречување, истрага и исправка на случаи на измама, судир на интереси, корупција или други криминални дела и злоупотреби“ во трошењето на фондовите на ЕУ, се вели во уредбата. .

Владата ќе формира и работна група за борба против корупцијата, која ќе биде советодавно тело на властите.

Половина од членовите ќе ги именува владата, а останатите претставници ќе бидат од невладини организации, пренесува Ројтерс.

Овој потег на Будимпешта, кој беше официјално објавен вчера, има за цел да ги ослободи средствата од ЕУ за Унгарија, бидејќи владата на премиерот Виктор Орбан е финансиски блокирана од битките со Брисел за прашањата на корупцијата, миграцијата, правата на ЛГБТ и почитувањето на демократските стандарди, пренесува Танјуг.

Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Гергели Гуљаш минатиот месец најави дека Унгарија до крајот на октомври ќе измени неколку закони што ги критикува Европската комисија, доколку се постигне договор за финансиска помош со извршната власт на ЕУ.