Унгарското Министерство за надворешни работи го повика американскиот амбасадор во Будимпешта во знак на остар протест поради коментарите во кампањата на претседателот Џо Бајден дека унгарскиот премиер Виктор Орбан „бара диктатура“, изјави шефот на диппломатијата Петер Сијарто на брифинг со новинарите во вторникот.
Конзервативниот суверенистички унгарски премиер Виктор Орбан отворено ја поддржа кандидатурата на поранешниот републикански американски претседател Доналд Трамп за Белата куќа, а неговата влада често се судри со администрацијата на демократот Џо Бајден, вклучително и околу блиските односи на Будимпешта со Русија.
Орбан се сретна со Трамп на Флорида минатата седмица и го пофали како единствен претседателски кандидат кој може да стави крај на војната во Украина.
По нивната средба, Бајден за време на предизборниот настан изјави дека Орбан „изрично изјавил дека мисли дека демократијата не функционира и дека бара диктатура“, пренесоа американските медиуми.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на средбата со новинарите во вторникот порача дека изјавата на Бајден е лага и „многу сериозна навреда“.
„Овој начин на размислување на претседателот и на администрацијата на демократите (во САД) е тежок товар за нашите билатерални односи“, посочи Сијарто како одговор на прашање на прес-конференција.