Унгарија и Полска не го поддржале планот за намалување на побарувачката на гас во ЕУ

Две од 27-те земји членки на Европската унија, Унгарија и Полска, гласале против планот за доброволно намалување на побарувачката на гас во Унијата со можност за задолжително намалување на нарачките, произлегува од документот на Советот на ЕУ.

„Писмената постапка започната на 4-ти август 2022 година, заврши на 5-ти август 2022 година… сите делегации гласаа за усвојување на регулативата на Советот за координирани мерки за намалување на побарувачката на гас со исклучок на делегациите на Унгарија и Полска, кои гласаа против“, се вели во документот.

Следствено, беше постигнато квалификуваното мнозинство неопходно за усвојување на планот, се наведува во соопштението.

Европската комисија на 20-ти јули предложи регулатива за намалување на нарачките на гас во Европската унија, што на 26-ти јули го договорија министрите за енергетика на членките на ЕУ приложувајќи бројни амандмани. Постигнат беше политички договор за доброволно намалување на побарувачката на природен гас за 15 отсто во периодот меѓу 1-ви август 2022 и 31-ви март 2023 година, во однос на просечната потрошувачка на енергенсот во последните пет години. Притоа, земјите членки ќе можат самите да го избираат начинот на заштеда на гасот.

Регулативата предвидува можност за издавање „предупредување на унијата“ за безбедноста во снабдувањето. Доколку земјите заеднички го одобрат, намалувањето на побарувачката ќе стане задолжително за целата ЕУ.

Истовремено предвидени се исклучоци и можност за отстапување од задолжителни цели при нивото воспоставување во Унијата. Како што претходно беше објавено, тоа особено се однесува на островските членки Ирска, Малта и Кипар, а може да се однесуваат и на балтичките земји.

Земјите во ЕУ ќе можат да ја намалат задолжителната одредба за штедење, на пример, доколку ги надминале задачите за штедење, доколку, на пример, ги надминале капацитетите за складирање на гасот или доколку во голема мера се зависни од енергенсот како суровина за критичните индустрии.

Како што се наведува во соопштението, регулативата ќе биде исклучителна, итна и временски ограничена мерка. Европската комисија до мај следната година треба да оцени дали мерката ќе биде продолжена.