Од март, унгарската влада ќе бара од големите трговци на мало да ги предупредат клиентите за намаленото пакување на храната со цел да се елиминира практиката на прикриено зголемување на цените.
Во првиот квартал од минатата година Унгарија забележа инфлација од рекордни 25 отсто, највисока меѓу членките на Европската унија и се обидува да ѝ помогне на економијата во услови на слабеење на куповната моќ на граѓаните, забележува Reuters.
Прометот во унгарската малопродажба е зголемен во ноември за 0,8 отсто во однос на октомври, кога беше намален за 0,3 отсто. Споредено со ноември 2022 година, тој е за 5,4 отсто понизок, покажаа овонеделните податоци.
И покрај закрепнувањето на месечно ниво, прометот во првите 11 месеци од минатата година е за 8,7 отсто помал во однос на истиот период од претходната година, бидејќи е намалена потрошувачката на граѓаните.
Владата на премиерот Виктор Орбан се обидува да ја заживее економијата, која во третиот квартал забележа раст на квартална основа првпат по една година. Освен тоа, се ближат парламентарните избори и изборите за Европскиот парламент, потсетува Reuters.
„Во изминатите месеци намаленото пакување на одредени производи, со иста или дури и повисока цена, привлече зголемено внимание во повеќе земји“, соопшти Министерството. „Поради ваквата погрешна практика, потрошувачите за своите пари добиваат помалку производ“, посочуваат.
Според новите регулативи кои ќе важат два месеца почнувајќи од март, трговците на мало со храна со годишен обрт од повеќе од милијарда форинти (2,9 милиони долари) ќе мора да прикажуваат предупредувања за цените за производите во помали пакувања во споредба со периодот помеѓу 1 јануари 2020 година и 1 јули 2023 година.
Производителите, увозниците и добавувачите на храна, исто така, ќе треба да ги известат трговците на мало за помалото пакување.
„Иако веруваме дека домаќинствата првично ќе се фокусираат на раздолжување и надополнување на резервите, трошоците, исто така, може да почнат да растат. Меѓутоа, за промената да биде значајна и долготрајна, потребно е прво да се врати довербата кај потрошувачите, што е процес на подолг рок“, велат економистите на ING, коментирајќи ги најновите податоци за продажбата на мало.