
Унгарија ќе ја продолжи забраната за увоз на житaрки од Украина, изјави во средата министерот за земјоделство Иштван Наѓи, додавајќи дека се договорил со колегите од Бугарија, Романија и Словачка за мерките на национално ниво доколку Еропската унија го укине мораториумот на продажбата.
„Се договоривме со нашите романски, словачки и бугарски колеги дека доколку Брисел одлучи да не го продолжи сегашниот мораториум, ќе донесеме мерки поединечно, на национално ниво. Новата унгарска забрана ќе опфати поширока група украински производи од сегашната“, вели Наѓи во водие-објавата на Facebook.
Во мај Европската комисија објави привремена превентивна забрана за продажба на украински житарки во Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка и обезбедување услови за нивен транзит на пазарите надвор од Европската унија (ЕУ). Одлуката истекува во петок.
Комесарот за земјоделство на ЕУ во вторникот рече дека верува оти Европската комисија треба да ја продолжи привремената забрана за продажба во Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка, бидејќи тоа помогна да се зголеми извозот надвор од ЕУ.
И Полска и Унгарија веќе најавија дека еднострано ќе ја продолжат забраната доколку Комисијата ја укине.
Бугарскиот премиер Николај Денков пред седницата на владата изјави за државната новинска агенција БТА дека би било пожелно да се укине забраната, бидејќи тоа ќе ги намали цените на основните прехранбени производи.
„Мораме јасно да ставиме до знаење дека обновувањето на увозот од Украина ќе ги намали цените на основните прехранбени производи, ќе ја намали инфлацијата, што ќе им помогне на луѓето со ниски приходи и ќе ги зголеми буџетските приходи од увоз и извоз“, рече Денков и покрај протестите на бугарските земјоделци и производители кои се оштетени поради дампиншките цени по кои се нудат украинските продукти.
Собраниската комисија усвои предлог-одлука според која Бугарија на 15. септември ќе ја укине забраната за увоз на одредени производи од Украина. Конечната одлука парламентот ќе ја донесе на пленарна седница.
Земјоделците во Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка протестираа против украинскиот увоз, тврдејќи дека не можат да ги продадат своите посеви поради ниските увозни цени. Силосите сѐ уште се полни, а жетвата е пред самиот праг, предупредија тие.