Унгарија поради мигрантите ја зајакнува граничната заштита

Унгарија ја зајакнува заштитата на своите граници, наведувајќи како причини нов бран мигранти кои се упатени кон нејзините граници преку ткн Балканска рута.

Влада на унгарскиот премиер Виктор Орбан планира за дополнителен метар да ја поткрене бодликавата жица долга 150 километри на југот на земјата, којашто беше подигната во текот на големата мигрантска криза во 2015 година.

Дополнителната ограда на границата би требало да биде подигната на територијата во националниот парк Дунав-Драва, на југот на земјата, покрај српската и хрватската граница. Владата во Будимпешта, исто така, планира да вработи уште 2.000 нови вооружени стражари, како дополнително зајакнување на воената и граничната полиција.

Европската унија е во расправии со Унгарија поради нејзините рестриктивни политики кон мигрантите. Унгарската влада неодамна се жалеше на зголемениот број илегални премини на нејзината граница.

Словенија во петокот, пак, на својата граница кон Хрватска започна со отстранувањето на жичаната ограда чијашто цел, исто така, беше поставена за спречување на илегалните мигрантски премини.

Пограничните препреки за мигрантите, словенечкиот премиер Роберт Голоб ги нарече нехумани и рече дека не ѝ служат на целта поради којашто се поставени, со што навестува нови владини политики кон мигрантите и бегалците, бидејќи се обврза на највисоко почитување на човековите права и забрзување на обработката на барањата за азил.