Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го повика на разговори во вторникот украинскиот амбасадор во Будимпешта, поради украинските обиди да биде блокиран новиот договор меѓу Унгарија и Русија за снабдувањето со гас во услови на енергетска криза во Европа и постојан раст на цените на енергенсот.
Сијарто во писмена изјава наведе дека таквите постапки на Киев претставуваат „повреда на унгарскиот суверенитет“. Унгарија ја обвинува Украина дека се меша во нејзините внатрешни работи откако Киев критикуваше за потпишувањето на новиот 15-годишен договор со рускиот енергетски гигант „Газпром“ за снабдување со природен гас.
„Сметаме дека претставува повреда на нашиот суверенитет тоа што Украина сака да го блокира сигурното снабдување на Унгарија со гас“, се наведува во изјавата на Сијарто.
Украина, којашто ќе загуби милијарди евра од трназитните плаќања поради скорото функционирање на гасоводот Северен тек 2 со кој ќе се удвои испораката за гасот за потрошувачите во Европа и руското настојување да ја заобиколува земјата со којашто минатата деценија водеше „три гасни војни“, оцени во понеделникот дека унгарскиот договор за снабдување со гас е „чиста политичка, економски неразумна одлука“ и дека ќе им наштети на украинско-унгарските односи.
Киев, исто така, најави дека ќе бара од Европската комисија да процени дали унгарскиот договор е во согласност енергетскиот закон на ЕУ, на што Сијарто во вторникот одговори дека е „шокиран“.
Според договорот кој Унгарија го финализираше кон крајот на август, а беше потпишан во понеделникот и стапува на сила на 1-ви октомври, „Газпром“ на Унгарија годишно ќе ѝ испорачува 4,5 милијарди кубни метри гас, и тоа преку две рути: 3,5 милијарди кубни преку Србија и милијарда кубни метри преку Австрија.
Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Кина беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци.
Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот. Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, освен обвинувањата и за тортура врз унгарското малцинство, се закани и со блокирање на напорите на Киев за поблиска соработка со НАТО и Европската унија.