Унгарија се закани со вето за сите санкции на ЕУ против Русија поврзани со нуклеарна енергија

Унгарија ќе стави вето на сите санкции на Европската унија против Русија кои влијаат на нуклеарната енергија, изјави денеска премиерот Виктор Орбан за државното радио, пренесува Ројтерс.

Украина претходно ја повика Европската унија да ја стави руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“ под санкции, но Унгарија, која има нуклеарна електрана изградена со помош на Русија и планира да ја прошири со „Росатом“, тоа го блокира.

Орбан во интервјуто повтори дека на санкциите за нуклеарната енергија очигледно мора да стави вето. „Нема да дозволиме да се спроведе планот за вклучување на нуклеарната енергија во санкциите“, рекол унгарскиот премиер додавајќи дека тоа не доаѓа предвид.

Унгарија, членка на ЕУ, повторно ги критикувала санкциите на ЕУ за Русија наметнати поради руската инвазија на Украина, велејќи дека тие не успеале многу да ја ослабат Русија, а можат да ја уништат европската економија.

Западот не наметна санкции за „Росатом“ откако Русија ја нападна Украина.

Унгарската нуклеарна електрана „Пакс“ има четири мали руски реактори „VVER 440“ со вкупен капацитет од околу 2.000 мегавати, кои почнале со работа меѓу 1982-ра година и 1987-ма година.

Во таа електрана Унгарија произведува половина од својата енергија, а нуклеарното гориво го добива од Русија.

Според договорот потпишан во 2014-та година со Русија, Унгарија планира да ја прошири електраната „Пакс“ со два „VVER“ реактори од руско производство, секој со капацитет од 1,2 гигавати.