Унгарија, Словачка и Србија ветија дека ќе ја продолжат борбата против илегалната миграција

Унгарија, Словачка и Србија ќе продолжат со заедничките напори насочени кон ставање под контрола на илегалната миграција во земјите на Европска унија, изјавија нивните челници во вторникот, додавајќи дека ќе бидат потребни повеќе средства од ЕУ за да се постигне оваа цел.

На состанокот во словачкиот град Комарно на унгарската граница, челниците зборуваа за нивните напори за намалување на бројот на мигранти, главно од Блискиот исток и Африка, кои доаѓаа преку таканаречената „балканска рута“.

„Оваа година во Србија има 80 отсто помалку мигранти од минатата година“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со своите колеги од Словачка и Унгарија, Роберт Фицо и Виктор Орбан.

Орбан рече дека пред некому да му биде дозволен влез во ЕУ, треба да се процени неговото барање за азил. Тој, исто така, рече дека само овој модел, каков веќе се користи во Унгарија, работи против илегалните мигранти.

Унарскиот премиер смета дека решението би можело да бидат таканаречените „жешки точки“ поставени во последните безбедни земји за мигрантите, на пример во Африка.

Вучиќ рече дека Србија никогаш нема да се согласи на вакви „жешки точки“ за илегални мигранти на нејзина територија.

Бројот на илегални преминувања во првите девет месеци од 2024 година на Западен Балкан падна на нешто помалку од 17.000, околу 79 отсто помалку од минатата година, покажуваат податоците на граничната агенција Фронтекс.

Домаќинот на самитот, словачкиот претседател Фицо ја нарече апсолутен приоритет борбата против илегалната миграција, велејќи дека илегалната миграција негативно влијае на Европа.

„Главна тема на денешниот разговор е планирањето на следниот буџет на ЕУ по 2027 година, во чии рамки мора да инсистираме значителен дел од буџетот да се одвои за борба против илегалната миграција, која сериозно ни се заканува“, рече тој.