Будимпешта ќе ги блокира средствата што Европската унија ги одвои за Украина додека Киев не го одблокира транзитот на руска сурова нафта за Унгарија и Словачка, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Украина го запре протокот на нафта преку гасоводот Дружба минатата недела, повикувајќи се на санкциите против рускиот енергетски гигант Лукоил, со што двете членки на ЕУ се лишуваат од околу 30-40 отсто од нивните потреби.
„Додека Украина не го реши ова прашање, сите треба да заборават на исплата на компензација од 6,5 милијарди евра од Европскиот мировен фонд за трансфери на оружје“, објави Сијарто во вторникот.
„Одлуката на Украина да не му дозволи на Лукоил да транзитира нафта преку Украина претставува фундаментална закана за безбедноста на снабдувањето со енергија на Унгарија и Словачка“, рече Сијарто, опишувајќи го потегот на Киев како „неприфатлив и неразбирлив“, како и некомпатибилен со неговите аспирации за влез во ЕУ.
Сијарто, исто така, го потсети шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, дека Унгарија – заедно со Словачка и Полска – ѝ помогнаа на Украина на почетокот на јули, испраќајќи доволно електрична енергија за да се стабилизира енергетскиот систем на Киев. Унгарија испорача 42 отсто од електричната енергија на Украина во јуни, истакна Сијарто.
Според непотврдени извештаи од украинските локални медиуми, Украина во вторникот на полноќ престана да добива струја од Словачка и Романија.
Киев мораше да прибегне кон увоз откако руските воздушни и ракетни напади го оневозможија поголемиот дел од неговите домашни капацитети за производство. Москва ги опиша нападите како одмазда за украинските напади врз руската цивилна инфраструктура.
Полска веќе протестираше против потегот на Унгарија, велејќи дека ќе ја лиши Варшава од 2 милијарди евра што и се потребни за модернизирање на вооружените сили. „Ова е огромно разочарување за мене“, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Официјалното објаснување на Киев за ембаргото за испорака на нафта беше дека приходите на Лукоил може да се користат за поддршка на руската војска. Еден украински пратеник, во изјава за Политико посочи дека блокадата има секундарна цел, да изврши притисок врз Унгарија да ја промени својата политика за вооружување на Киев.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан долго време одбива да ѝ испрати оружје на Украина, да обучува украински војници или да дозволи користење на унгарската територија за испорака на оружје од ЕУ или НАТО, инсистирајќи дека Киев треба да се стреми кон мир со Москва што е можно поскоро.