Со цел да се запре протокот на мигранти Унгарија започна со поставување безбедносна ограда долж границата со Словенија, откако заврши со поставување на оградата со Србија и Хрватска.
Унгарските власти засега не ги потврдуваат информациите, објавени од националната телевизија М1 и од државната информативна агенција МТИ.
Телевизијата М1 објави видео репортажа на која се гледа како три реда бодликава жица се поставени на границата со Словенија на неколку метри од автопатот М70, во близина на градот Лендава.
Бостан Шефич, словенечкиот државен секретар, одговорен за внатрешни работи, потврди денеска пред парламентот во Љубљана дека за првпат биле утврдени дејности долж границата со Унгарија.
Според Шефич Словенија не била официјално информирана од Унгарија за активностите.
Денеска унгарската влада објави дека во брзо време ќе одлучи дали целосно ќе ја затвори границата со Хрватска за бегалци, како што тоа го направи со Србија на 15 септември.
Верхеијен: Регионот не може да си дозволи блокада на премините
Шефот на Канцеларијата на Светската банка во Србија Тони Верхеијен порача денеска дека овој регион не може да си дозволи блокади на граничните премини, бидејќи тоа може да ги зголеми економските проблеми.
– Економското влијание е тешко да се предвиди, можеме само кусорочно да прогнозираме. Регионот не може себе да си дозволи вакви блокади од страна на која било земја, вклучувајќи ги и Србија и Хрватска, рече Верхеијен.
Тој рече дека блокирањето на премините е ситуација која не може да се одржи и порача дека земјите кои се обидуваат да се изборат со своите проблеми треба да најдат европско решение.
– Не знам дали е се уште тоа негативна околност или околност која е наметната од страна, но ова е секако проблем во односите меѓу овие земји. Но не можеме тоа да го предвидиме, секоја земја се обидува да се избори со својот проблем на свој начин и треба да најде европско решение, истакна Верхеијен.