Унгарија утре ќе ја затвори границата со Хрватска, а висока ограда е поставена и сега се додава само дополнителна жица, пишува Танјуг.
Оградата е висока повеќе од 3,5 метри и поставена е на целата копнена граница меѓу Унгарија и Хрватска.
Унгарски војници веќе две недели забрзано работеа на подигнување на бедемот меѓу двете држави членки на ЕУ, и според информации од Будимпешта, работата ќе биде завршена утре, наведува весникот.
По завршувањето на работите, бегалците ќе може да минуваат само преку службените премини.
Кај граничниот премин Барањско Петрово Село – Беременд се поставува ограда, а слично е и кај границата во Подравина, во општината Гола и кај Ботово.
Преку Барањско Петрово Село како службен премин и Ботов како илегален премин во текот на минатите две недели во Унгарија влегле речиси 100.000 бегалци кои во Хрватска претходно дошле од Србија.
Целосното затворање на границата и завршувањето на изградбата на оградата планирани се за крајот на неделава, најверојатно утре, по што бегалците во Унгарија ќе може да влезат само на службените гранични премини.