Унгарија пресилна за Македонија

Ракометната репрезентација на Македонија е поразена во првиот натпревар од втората фаза на Европското првенство во Данска. Избраниците на селекторот Ивица Обраван се надиграни од репрезентацијата на Унгарија со 31:25.

Црвено – жолтите го почнаа во грч натпреварот и им дозволија на Унгарците да победат. Во 10 минута протвникот имаше предност од три голови (4:1), додека нивната предност до крајот на полувремето изнесуваше седум голови (16:9).

Македонија добро почна во второто полувреме, играше подобро, но и грешеше во клучните моменти. Токму ова беше причината противникот да го задржи водството од првиот дел до крајот на натпреварот и да ја забележи првата победа на првенството.

Дејан Пецаковски беше најсветлата точка во македонскиот тим со пет голови исто колку и Манасков, додека голманот Борко Ристовски беше на висината на задачата со 13 одбрани.Во противничкиот тим најмногу се истакнаа Часар со седум голови и голманот Миклер со 13 одбрани.