Унгарскaта претседателка Новак поднесе оставка поради помилување во педофилски случај

Унгарскиот претседател Каталин Новак поднесе оставка во саботата по притисокот на јавноста за помилување на маж осуден за прикривање на сексуална злоупотреба во детски дом.

Новак, близок соработник на конзервативниот премиер Виктор Орбан, помилувала дваесетина лица во април 2023 година, меѓу кои и поранешен заменик-директор на дом за згрижување деца, кој му помогнал на поранешниот директор на таа институција да ги сокрие своите злосторства.

„Направив грешка. Денеска е последниот ден кога ви се обраќам како претседателка“, рече Новак во телевизиското обраќање. „Одлуката за помилување ја донесов во април минатата година, сметајќи дека осудениот не ги злоупотребувал децата што ги надгледувал. Згрешив, бидејќи помилувањето предизвика сомнеж за нулта толеранција за педофилијата“, додаде таа.

Унгарските опозициски партии побараа оставка од Новак претходно оваа седмица, а во петокот илјада демонстранти се собраа пред нејзината канцеларија, повикувајќи ја да се повлече од должноста.

Во обид да ја намали политичката штета, Орбан, чијашто партија Фидес која има надмоќно мнозинство во унгарскиот парламент, ја започнува кампањата за изборите за Европскиот парламент во јуни, поднесе уставен амандман до парламентот во четвртокот со кој ќе се спречи претседателот на државата да ги помилува сторителите на злосторствата врз децата.

Поранешната министерка за правда на Орбан, Јудит Варга, која се очекува да ја предводи партијата Фидес на претстојните избори и којашто, исто така, го потпишала помилувањето, во саботата на Facebook објави дека ќе поднесе оставка како пратеник на Фидес, преземајќи ја одговорноста за своите постапки.