Унгарската влада уште во средата потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски поднесе барање за азил до унгарските власти во Будимпешта, како и дека неговото барање било проценето во Канцеларијата за имиграција и азил, во согласност со унгарското и меѓународното права, по што произлегоа многу прашања, на кои следниве денови одговараа унгарските функционери.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски изјавил дека има намера да побара азил во Унгарија од една од унгарските дипломатски мисии во странство, надвор од Република Македонија, изјави Гергеј Гујаш, шеф на Кабинетот на претседателот на унгарската влада, Виктор Орбан, на прес-конференција во четвртокот.
Груевски барањето за азил го поднел поради стравување за нефер судски процес во неговата татковина и поради закани по неговиот живот, рекол Гујаш одговарајќи на прашањето за за причините за кои поранешнот премиер на Република Македонија го побарал политичкиот азил во Унгарија.
Едно од прашањата кои беа поставени беше и она зошто на Груевски му било дозволено да поднесе барање и тоа да се разгледува во Будимпешта, на што унгарските власти одговорија дека станува збор за лице коешто повеќе од десет години беше на премиерската должност во неговата земја и поради тоа што побарало политички азил. „Станува збор за вонредна ситуација, и поради тоа што станува за преседан случајот требало и вонредно да биде разгледуван“, додал Гујаш појаснувајќи ја одлуката да му се овозможи на Груевски интервјуто по неговото барање за азил да се случи во седиштето за Канцеларијата за азил и имиграција во Будимпешта.
Од безбедноси причини, соодветните унгарски власти а не владата на Унгарија, одлучила на поранешниот премиер Груевски да му овозможи своето барање за политички азил да го поднесе и тоа да биде разгледувано во Будимпешта, образложил.
Унгарските власти немале никаква поврзаност ниту сознанија, за тоа како Груевски ја напупштил Македонија. Меѓутоа, унгарските власти потсетија дека во медиумските извештаи за случајот е игнориран овој детаљ, оти земјите во регионот овозможуваат патувања на своите државјани на нивните територии само со лични карти. Официјална Будимпешта не открива преку кои земји Груевски влагол на унгарска територија, препуштајќи тоа да го сторат самите власти на тие земји.
Во петокот албанската дипломатија, пак, соопшти дека Груевски влегол во Албанија со лична карта и потоа со автомобил минал на територијата на Црна Гора, а оттаму наводно преку Србија стасал до Унгарија со унгарско дипломатско возило.
Едно од прашањата кои ги поставуваа медиумите беше зошто Груевски не чекал во една од транзитните зони, каде што вообичаено се прифаќаат другите мигранти на јужната граница на Унгарија, каде што ја чекаат одлуката по нивното барање за азил.
„Унгарските гранични и имиграциски, како и безбедносни агенции, а не владата, одлучија дека од безбедносни причини, на Груевски треба да му биде овозможено да го поднесе своето барање во Будимпешта и тоа таму да биде разгледувано“, беше одговорот на унгарската влада. „Повторуваме, станува збор за поранешен премиер, кој наведува дека имал закани по неговиот живот и немал фер судски процес, како и дека се работи за вонреден случај“, рекол Гујаш.
Унгарската влада ги отфрла тврдењата дека Унгарија, која како членка на ЕУ, Македонија ја смета за безбедна земја во којашто има владеење на правото, оти наводно со дозволувањето на поранешниот премиер да влезе на нејзината територија го преоценува судскиот систем во Македонија.
„Унгарија доби барање (за азил) и го разгледува. Барањето за азил е правно прашање. Ќе биде решавано во согласност со унгарското и со меѓународното право. Владата на Унгарија и унгарските државни органи со примањето на барањето, не дејствуваат со прејудуцирање кон институциите или официјални одлуки во Македонија“, се вели во одговорите на владата во Будимпешта.
Барањето за екстрадиција на Груевски, за унгарската влада е правно прашање, а Гујаш истакна и дека Унгарија се’ уште не добила официјално барање од Македонија за екстрадицијата на Груевски, но нагласил дека ако такво барање пристигне, тогаш Будимпешта ќе постапи согласно законите.
Од македонското Министерство за правда вчера соопштија дека се подготвува потребната документација за екстрадицијата, откако кај нив стигнало известување од Министерството за внатрешни работи дека Груевски се наоѓа во Унгарија. За екстрадиција на Груевски потребни се документи од Судот односно правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делото и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.
Унгарската влада, исто така, истакнува дека Будимпешта не добила никакви пораки или повратни информации од другите земји партнери од Европската унија и НАТО во врска со одлуката да се разгледува барањето за политички азил поднесено од Груевски.
Во меѓувреме Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, за Пресинг ТВ изјави дека Европската унија не сака да се меша во случајот со Никола Груевски и со неговото барање политички азил во Унгарија и порача дека не смее да се политизира со прашањето дали унгарските власти ќе одобрат политички азил за поранешниот премиер.
На шпекулациите коишто ги објавија некои македонски, но и медиуми од регионот, дека Груевски наводно бил сместен во владата на Виктор Орбан, шефот на неговиот кабинет на официјалниот брифинг со медиумите повторно одговорил дека досега унгарскиот премиер не се сретнал откако неговиот поранешен македонски колега по должност пристигнал во Унгарија.