Унгарската владејачка партија го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО

Партијата Фидес, на унгарскиот премиер Виктор Орбан, ќе ја поддржи ратификацијата на протоколот за членство на Финска и Шведска во НАТО, соопшти пратеничката група на владејачката партија во момент кога пратениците ја започнуваат дебатата на оваа тема по повеќемесечниот застој.

Одлуката на Фидес дојде откако претседателката Каталин Новак, отворајќи ја дебатата, побара од пратениците да го ратификуваат влезот на Финска и Шведска во НАТО „што е можно поскоро“.

Само Унгарија и Турција сѐ уште ги немаат ратификувано протоколите за прием на овие две земји во НАТО, повеќе од осум месеци откако лидерите на Алијансата одлучија да ги примат за членки на самитот во Мадрид.

Процесот на ратификација во унгарскиот парламент се одолговлекува од јули минатата година, а минатиот петок Орбан првпат јавно кажа што му пречи за приемот на двете нордиски земји во западната воена алијанса.

Орбан потсети дека Финска и Шведска претходно ја критикуваа Унгарија поради владеењето на правото, рече дека некои од неговата партија се прашуваат дали е паметно да се примат земјите кои „шират отворени лаги за Унгарија, за владеењето на правото во Унгарија, за демократијата, за тоа како се живее во неа“.

„Како, оди аргументот, може ли некој да сака да биде наш сојузник во воениот систем и бесрамно да шири лаги за Унгарија?“, праша тогаш Орбан.

И додека пратениците на Фидес рекоа дека следната седмица ќе се одржат билатерални состаноци во двете нордиски земји за да се разговара за „политичките спорови“, тие јасно ставија до знаење дека ќе застанат зад нивните барања за членство во НАТО.

„Ќе им ја дадеме нашата поддршка на Финска и Шведска за влез во НАТО“, соопшти Фидес, кој заедно со својот помал партнер контролира две третини од местата во Парламентот.

Конечното гласање се очекува во втората половина на март.