Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека по изборите за Европскиот парламент, неговата десничарска партија Фидес ќе се приклучи на пратеничката група Европски конзервативци и реформисти (ECR), во која е и крајно десната партија Браќа на Италија (FdI) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која според тврдењата од Брисел се смета за клучниот европски челник кој го придобил Орбан да се откаже од ветото за помошта на Европската унија за Украина.
Лидерите на сите 27 земји-членки на ЕУ во четвртокот постигнаа договор за ревизија на повеќегодишниот буџет, кој вклучува помош за Украина, на што досега се противеше унгарскиот премиер Виктор Орбан. На вонреден самит во Брисел беше постигнат договор за пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра, со тоа што Брисел му ветил на Орбан спреведување три компромиса во полза на Унгарија.
Фидес на Орбан во моментов е неврзан откако тој ја напушти централнодесничарската Европска народна партија (EPP) во 2021 година по неговата суспензија поради наводното поткопување на владеењето на правото во Унгарија, за што Будимпешта поради нејзиниот суверенизам ја обвинуваа бирократските политичари во Брисел.
„Идејата беше да се приклучиме порано, но во овој момент тоа ќе го направиме по изборите“, изјавил Орбан за италијанските весници La Repubbica и La Stampa по вонредниот самит на ЕУ во Брисел, пренесѕва италијанската новнска агенција ANSA.
„Во секој случај, мојот одговор е да, ние сме подготвени и ќе им се придружиме на конзервативците“.
Групацијата ECR, основана во 2009 година од поранешниот лидер на ториевците поранешен британски премиер и актуелен министер за надворешни работи Дејвид Камерон, вклучува десничарски партии, вклучително и шпанската Глас (Vox), полската Партија на правото и правдата (PiS) и Шведските демократи (SD).
Орбан и Мелони имаат блиски врски, иако нејзината десничарска партија Браќа на Италија (FdI) припаѓа на европските конзервативци и реформисти (ECR), додека Фидес не припаѓа на ниту една парламентарна група по напуштањето на Европската народна партија.
Европските конзервативци и реформисти (ECR) на почетокот на својот мандат во Европскиот парламент имаа 62 од 705 пратеници, сега имаат 67 а на европските избори во јуни треба да постигнат подобри резултати отколку во 2019 година.
Според проекцијата на Европскиот совет за меѓународни односи, европски тинк-тенк, ЕCR во моментов би добил 85 мандати. Во проекцијата се наведува дека оваа бројка би можела да биде уште поголема доколку им се придружат и пратениците на унгарски Фидес.