Унгарски воен хеликоптер се урна во Хрватска
Воен хеликоптер се урна денеска во атарот на селото Пакова во Шибеничко-книнската жупанија, јавува регионалната телевизија N1 и додава дека не станува збор за хеликоптер на вооружените сили на Хрватска.
Хеликоптерот и две тела се пронајдени, а потрагата по третиот член на екипажот е во тек.
Станува збор за хеликоптер на унгарските вооружени сили кој е на обука во Хрватска. Шефот на ХГСС, Јосип Брозичевиќ, за Н1 потврди дека на снимките добиени од камерите од леталата за гаснење пожар се гледа чад.
Во потрагата по соборениот хеликоптер денеска се вклучија и хеликоптерот „Ми-171“ од Дивуље и авион Pilatus“ на хрватското воздухопловство, додава N1.
Како што неофицијално дознава порталот на дневниот весник Јутарњи лист, пилотот не ја забележал „зиплајн“ кабел и се заплеткал на неа. Авионот паднал и веднаш се запалил.
Инаку, хрватското Минисерство за одбрана претходно денеска соопшти дека како дел од подготовките за воената вежба за процена на борбената готовност „Силен бастион 2023“ од 20-ти до 30-ти јуни, очекува зголемен сообраќај на воени возила во двата правца од граничниот премин Летење-Горичан со Унгарија до касарната на „7-ма гардиска бригада Пума“ во Вараждин.
„Силен бастион 2023 година“ е компјутерски потпомогната вежба организирана од Мултинационалниот дивизиски центар (Multinational Division Center – MND-C) која се одвива на две локации во Хрватска и Унгарија, во Вараждин и Шекешфехервар, соопшти во вторникот Министерството за одбрана на Република Хрватска.
Во текот на вежбата планирано е преместување на предниот команден пункт од Унгарија во Хрватска, со цел да се изврши евалуација на Штабот на MND-C при преместување на истурено командно место. Не е познато дали наведениот хеликоптер бил дел од системот на вооружените сили што учествува на споменатата вежба или е дел од некоја друга програма за воена соработка меѓу Унгарија и Хрватска.