Со 153 гласа „за“ пратениците од Унгарија едногласно го ратификуваа протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО.
На чинот на ратификувањето присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери, по покана на претседателот на националното собрание на Унгарија, Ласло Ковер.
Претходно во вторникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.
Столтенберг ја упати пораката ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, пренесе Миа.
Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа, изјави генералниот секретар на Алијанса, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој нагласи дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.