Унијата на македонски училишта од француското говорно подрачје бараат МОН да не им го одзема правото да го изучуваат македонскиот јазик

Родителите на пет паралелки на Македонски мајчин јазик од француското говорно подрачје на Швајцарската Конфедерација изразуваат загриженост за моменталната состојба во која се наоѓаат учениците на дополнителната настава, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од Унијата на македонски училишта од француското говорно подрачје на Швајцарија.

Интегралниот текст можете да го прочитате во продолжение:

-Имено, после завршувањето на мандатот на досегашната наставничка по македонски јазик во месец јуни2019, објавен бил конкурс за нов наставник каде избрана била нова наставничка од Република Македонија.

Не анализирајќи ги детално условите за тоа работно место кои не покривале патни трошоци, трошоци за стан, дополнителнo земајќи ја во обѕир ниската плата за Швајцарскиот стандард, таа ново назначена наставничка се откажала во последен момент каде што учениците се најдоа без наставник од септември 2019 година.

Во меѓувреме, стручниот тим на унијата на Македонски училишта во Швајцарија, го истакна своето незадоволство и револт спрема надлежните институции и Министерството за образование, на сегашниот министер без ресор/ надлежен за дијаспората Г.Адеми и директорот на Агенцијата за иселеништво Г.Шалваринов на 25 ти септември 2019 на состанокот, за време на нивната посета на Македонските друштва, клубови и асоцијации низ Швајцарија. По увидувањето на реалниот проблем Г. Адеми и Г.Шалваринов ветија брзо решавање на случајот и нова номинација на наставник преку нов конкурс и веднаш потоа отпочнување со настава.

Но ништо од тоа, се приближува крајот на Јануари 2020 а учениците се уште немаат настава. Родителите не добиваат ни официјални информации од резултатот на конкурсот и ново назначената наставничка. Никаков одговор од Министерот за образование Г.Адеми, како и никаков абер од Министерот за Дијаспора” другиот” Г.Адеми.
Апелираме до Министерот на МОН, Г.Адеми и министерот без ресор Г.Адеми”другиот” да се произнесат и да не информираат, преку нивните кабинети или преку Агенцијата за иселеништво, до кој степен е стигнат случајот со наставничката и да дадат точен датум за отпочнување на наставата.

Овој проблем е доказ и еден од многу бројните проблеми со кои се соочуваме ние иселениците каде нашите права се загрозени од самите наши институции. Македонците од светот се дел од Македонскиот народ. Ние, каде и да сме,треба да работиме за подобра иднина на нашата татковина Македонија. Одземувајќи ни го правото на изучување на нашиот мајчин Македонски јазик, вие ни одземате едно од основните човекови права.

Бараме надлежните институции да си ја вршат работата одговорно и да се забрза процесот што би довело до брзо отпочнување со настава.
Време е некој да ја преземи одговорноста.

Во исчекување дека нашиот крик ќе стигне до вистинските луѓе, примете ги нашите срдечни поздрави, стои во нивното соопштение до јавноста.