УНИЦЕФ соопшти дека девет од десет деца во Газа не можат да јадат доволно хранливи материи од групите намирници за да обезбедат здрав раст и развој.
-Во Појасот Газа, повеќемесечните насилства и ограничувањата на испораките на хуманитарна помош ги урнаа системите за храна и здравство, што резултираше со катастрофални последици за децата и нивните семејства, соопшти УНИЦЕФ.
Тие објаснуваат дека пет групи на податоци собрани меѓу декември 2023 и април 2024 година покажале дека 9 од 10 деца во Појасот Газа, кој е под израелска офанзива од октомври минатата година, страдаат од сериозен недостиг на храна, што значи дека преживуваат со најмногу две групи на храна дневно.
– Ова е доказ за страшното влијание што овој конфликт и намалувањето на помошта го имаат врз способноста на семејствата да ги задоволат потребите за храна на децата, како и брзината со која оваа ситуација ги става децата во ризик од неухранетост опасен по живот, предупредува УНИЦЕФ.
За да се исполни минималната разновидност во исхраната за здрав развој, децата мора да консумираат намирници од најмалку пет од осумте групи на храна дефинирани со оценката за нутритивна разновидност што го користат УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО).
Тие вклучуваат мајчино млеко, јајца, млечни производи и месо, живина и риба, меѓу другите групи.
УНИЦЕФ соопшти дека на глобално ниво, 27 отсто од децата во раното детство живеат во сериозен недостиг на храна погодна за децата, што е 181 милион деца на возраст под пет години.