УНИЦЕФ: Десетици милиони деца раселени поради климатски катастрофи

Поплави и суши, бури и шумски пожари – предизвикани од климатските промени – се причина за раселување на 43,1 милиони деца од 2016 до 2021 година, предупреди Детскиот фонд на ОН.

Во сеопфатен извештај за ова прашање, агенцијата на Обединетите нации ги детализираше потресните приказни на некои од погодените деца, а коавторката Лора Хили изјави дека податоците го откриле само „врвот на ледениот брег“ .

Статистиката за внатрешно раселените предизвикани од климатските катастрофи генерално не ја зема предвид возраста на жртвите.

Но, УНИЦЕФ соработуваше со невладини центри за следење на внатрешното раселување на деца.

Од 2016 до 2021 година, четири типа катастрофи (поплави, бури, суши и шумски пожари) — чија фреквенција е зголемена поради глобалното затоплување — доведоа до преселување на 43,1 милиони деца во 44 земји, се вели во извештајот.

Деведесет и пет проценти од тие раселувања беа предизвикани од поплави и бури.

„Тоа е еквивалент на околу 20.000 детски раселувања секој ден“, рече Хили, нагласувајќи дека погодените деца потоа се изложени на ризик да претрпат други трауми, како на пример да бидат одвоени од нивните родители или да станат жртви на трговци со деца.