УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија договорија ново партнерство

Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објавија ново партнерство поврзано со Светскиот ден на детето, со кое ќе ја промовираат важноста на инклузијата, недискриминацијата и еднаквоста на децата и младите во спортот и во игрите.

Оваа година Светскиот ден на детето се одржува на истиот ден кога започнува Светското првенство во фудбал.

– Без разлика за која држава навиваме на Светското првенство, кога станува збор за правата на децата, сите сме во ист тим. Секое дете заслужува да се чувствува безбедно, заштитено и уважено. Спортот и играта се повеќе од само забава. За децата тие создаваат чувство на припадност кон заедница, можност да споделуваат заеднички успеси или порази, и да учат важни животни поуки за тоа што е почит, вклученост, соработка и лидерство, изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Со ова партнерство УНИЦЕФ и ФФМ имаат за цел да отпочнат јавна дискусија и да ја подигнат свеста за правото на игра на децата со попреченост, вклучување на девојчињата во спортот, залагање за правата на сите деца во спортот и важноста на спортот и играта за личната добросостојба и цврстината на менталното здравје кај децата и младите.

Задоволство од соработката со УНИЦЕФ изрази претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муарем Сејдини.

– Драго ни е што оваа година, по повод Светскиот ден на детето, во соработка со УНИЦЕФ и пред почетокот на Светското фудбалско првенство, имаме можност да испратиме заедничка порака за вклученост, недискриминација и почитување на детските права. Пораката што ќе ја испратат нашите фудбалери е потсетник за секој од нас да ги почитува правата на децата, да даваме еднакви можности на сите деца, квалитетно и инклузивно образование, живот во здрава животна средина и добро ментално здравје. Се обидуваме фудбалот да го направиме место за пример каде ќе се почитуваат детските права и ќе им се даваат шанси на сите деца, но и платформа од која ќе повикуваме и другите актери во нашето општество да го сторат истото, истакна Сејдини.

Иницијативата ќе опфати заедничка мултимедијална кампања под мотото „Сите сме во ист тим кога се работи за децата“ со фудбалери од државната репрезентација и деца од различно потекло, со заедничко испраќање позитивни пораки за еднаквост и инклузија на секое дете.

На Светскиот ден на детето, на 20 ноември, ќе се одржи пријателски фудбалски натпревар помеѓу фудбалери од македонската репрезентација и децата.