Извештајот за климата објавен денеска од УНИЦЕФ предупредува дека на милијарди деца им се заканува екстремно висока опасност од климатската криза.
Извештајот насловен „Климатската криза е криза за правата на децата“, класификува 33 земји како „екстремно високо ризични“. Меѓу нив се Индија, Нигерија, Филипини и субсахарските африкански држави.
Децата во тие земји „се соочуваат со смртоносна комбинација на изложеност на повеќекратни климатски и еколошки шокови со голема загрозеност поради несоодветните основни услуги, како што се вода и санитарни услови, здравствена заштита и образование“, се наведува во документот.
– Првпат имаме целосна слика за тоа колку се во опасност децата поради климатските промени и таа слика е незамисливо ужасна. Климатските и еколошките шокови го поткопуваат целиот спектар на детски права, од пристап до чист воздух, храна и безбедна вода до образование, домување, слобода од експлоатација – дури и право на опстанок.
Речиси ниту едно дете нема да остане незагрозено, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.
УНИЦЕФ ги повика владите и компаниите „да ги слушаат децата и да им дадат приоритет на дејствијата кои ги штитат од влијание, додека ја забрзуваат работата за драматично намалување на емисиите на стакленички гасови“.
Во својот извештај, агенцијата наведува дека децата треба да се едуцираат за климата и да научат за зелените вештини. Исто така, се повикува за вклучување на младите во преговорите и одлуките за климата.