УНИЦЕФ: За да го претркаме вирусот потребна е стратегиј

За да го претркаме вирусот и за да забрзаме, мора да следиме стратегија за вакцинирање на работниците од првите редови, но, да се стремиме кон стратегија што навистина овозможува правичен пристап за сите, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

Во таа насока, од УНИЦЕФ апелираат до владите, претпријатијата и партнерите да преземат три итни активности. Најпрво, во насока на вакците, препорачуваат да се поедностават правата на интелектуална сопственост преку доброволно и проактивно лиценцирање од страна на носителите на правата на интелектуална сопственост со што, велат, дека ваквиот предизвик не налага присилно откажување од интелектуалната сопственост, туку, проактивно партнерство и соработка. Оттаму ги посочуваат скорешните производствени партнерства како што се Фајзер-БиоНтек, АстраЗенека, Серумски Институт Индија, Џонсон и Џонсон-Мерк и Џонсон и Џонсон-Аспен, кои, според нив, се охрабрувачки примери. Па, така, УНИЦЕФ ги повикува другите да го следат примерот, да ги зголемат обемот и географската разновидност на производствениот капацитет.

Второ, од УНИЦЕФ велат дека треба да ставиме крај на национализмот во однос на вакцините.

– Владите треба да ги отстранат директните и индиректните мерки за контрола на извозот и увозот со кои се блокира, се ограничува или се забавува извозот на вакцини, состојки и материјали за КОВИД-19. Вирусите не почитуваат граници. Да се победи КОВИД-19 во секоја од нашите матични земји, значи тој да се победи во целиот свет така што ќе се обезбеди постојан проток на вакцини и материјали за сите, стои во соопштението.

Дополнуваат дека владите што се договориле да добијат повеќе „идни дози“ отколку што е потребно, за вакцинирање на целото нивно возрасно население оваа година, треба на КОВАКС веднаш да му позајмат, пуштат или да му донираат поголем дел или сите од своите вишок договорени дози за 2021 година, за тие рамномерно да се распределеат меѓу другите земји.

– Освен тоа, земјите со доволна моментална снабденост на произведени дози треба да размислат веднаш да донираат барем 5 отсто од своите достапни произведени дози и да се заложат за натамошен континуиран и тековен придонес низ целата година, зголемувајќи го придонесот во согласност со растечката снабденост. Така, потврдувањето на ваквите заложби за споделување на дозите ќе ја подобри предвидливоста, ќе го забрза правичниот пристап и ќе помогне да се стабилизира глобалниот пазар на вакцини, дополнуваат од УНИЦЕФ.

Заклучуваат дека со пандемијата на Ковид-19 на сите ни стана јасно дека никој не е безбеден сѐ додека сите не се безбедни. Затоа, според нив, обезбедувањето правичен пристап до вакцините против Ковид-19 е во наша моќ затоа што сметаат дека докажавме дека светот може да се здружи за да го направи незамисливото и треба тоа пак да го направиме.

– Колку поскоро, толку побрзо нашиот живот и животот на нашите деца ќе се вратат во нормала, порачуваат од УНИЦЕФ.