Истрагата за автобуската несреќата што вчера утрото се случи на автопатот А4 во Хрватска продолжува. Надлежните се обидуваат да дојдат до информациите од уредите поставени во автобусот за следење на неговата траекторија на движење кои треба да покажат што се случило за време на кобниот момент. Но според првичните информации најверојатно брзината со која се движеле за сега нема да биде позната бидејќи тахгографот кој ги снима овие параметри е целосно уништен од ударот.
Она што е утврдено е дека во овој уред биле пронајдени две возачки картички, на возачот и совозачот, што пак покажува дека полскиот превозник правилно ангажирал двајца возачи како што е предвидено во регулативата за вакво долго патување. Но дали тие имале искуство на долги релации треба да покажат нивните портфолија.
Се огласи и сопственик на транспортната компанија Мегапол, Јацек Антошкевич. Вели дека е во шок, дека животот му е уништен и дека по информацијата за несреќата постојано е на терапија за смирување.
Полското министерство за инфраструктура вчера информираше дека автобусот кој излета од автопатот кај Брезнички Хум во правец кон Загреб бил во технички изправна состојба, произведен во 2011 година, регистриран во Полска, како и дека ги поминал сите технички проверки што ги бара законот…
Од противпожарните служби кои веднаш излегле на терен велат дека сликата која ги затекнала била ужасна како и дека веднаш почнале со спасување на преживеаните.
-Глетката не беше убава, имаше луѓе внатре, бараа помош. се обидовме приоритетно да ги извадиме преживеаните но моравме со ред, а имаше и повредени и мртви. Тоа не беше убаво за гледање. искуството не беше баш убаво, сведочи еден од пожарникарите кои први пристигнале на местото на несреќата.
За време на несреќата во автобусот имало двајца возачи и 42 патника. 12 од нив починаа, а 32 лица беа хоспитализирани во неколку болници во Хрватска.
-Во болницата во Вараждин во моментов хоспитализирани се седум пациенти од кои двајца се критични, односно четири пациенти се на интензивна нега, а од нив двајца се во критична состојба, додека еден пациент од одделот за интензивна нега преместен е на одделот за трауматологија, соопшти директорот на општата болница во вараждин, Дамир Пољак.
утрово градоначалникот на Вараждин, Анџелко Стричак соопшти дека четворица пациенти во текот на ноќта биле пренесени во Полска, додека од болницата во Вараждин информираа дека на двајца пациенти состојбата им е влошена.
-Повредените беа задоволни од укажаната итна медицинска помош која ја добиле, а четворица од повредените ноќеска беа испратени за полска, информира градоначалникот на Општина Вараждин Анџелко Стричак.
Повредените вчера ги посети и полскиот министер за здравство Адам Ниџилски кој рече дека ќе побара дел од патниците кои се во стабилна состојба да бидат префрлени во Полска.
-Поделени сме во два тима. една екипа е во вараждин и една во чаковец. Докторите се таму за да добијат медицински документи и доколку постои можност некои од пациенти ќе бидат вратени во Полска, изјави синоќа министерот за здравство на Полска, Адам Ниџилски.
Хрватското министерство за внатрешни работи соопшти дека истрагата на терен е завршена и според досега собраните податоци од терен, сообраќајната несреќа се случила кога возачот на автобусот изгубил контрола над возилото, кое свртело надесно, ја пробило заштитната ограда и слетало надвор од автопатот.
Државното правобранителство нареди обдукција на починатите лица, вештачење за присуство на алкохол кај возачот на автобусот и спроведување на други потребни истраги и доказни дејствија.