Уништена цветната фигура паун во паркот „Македонија“

Во неделата во вечерните часови во Паркот Македонија на булеварот Теодосиј Гологанов, дежурните работници на ЈП„Паркови и зеленило“ констатирале големи оштетувања на цветната фигура паун. Од цветната фигура, односно од делот на опашката на паунот, бил украден цветниот расад, а исто така недостигала и земјата во којашто  беа засадени цвеќињата, информира Град Скопје.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ вчера ги пополниле празните места со земја, а во наредниве денови ќе засадат нови цвеќиња.

Градот Скопје повторно апелира до граѓаните да не ги оштетуваат цветните фигури и да не ги уништуваат цветните расади коишто ги красат парковите и зелените површини низ градот.