Уништени дронови над Украина и Русија, најжестоки битки кај Покровск, Курахово и Курск

Украинските сили изутринава соопштија дека собориле 53 од вкупно 83 беспилотни летала испратени од Русија во текот на ноќта во повеќе области, пренесе Укринформ.

Русија, исто така, истрелала ракета С-300 во североисточниот регион Харков.

Властите во југоисточниот регион Запорожје, пак, објавија дека напад со дрон е оштетена критична инфраструктура, но не се соопштени повеќе детали

Украинските власти објавија и дека четворица цивили се убиени во руско гранатирање во изминатите 24 часа – тројца во источниот регион Доњецк и еден во Херсон на југ.

Генералштабот на вооружените сили на Украина извести за 170 судири со руските сили во изминатите 24 часа. Најжестоки  битки се воделе во три правци, каде што активно напаѓа руската армија – Покровск и Курахово во Доњецк и Курск на руска територија.

Руските власти, пак, соопштија дека повеќе погранични региони во Русија изминатата ноќ биле цел на украински дронови

Министерството за одбрана на Руската Федерација информира дка вкупно 34 беспилотни летала се уништени над пет региони, вклучително и анектираниот Крим.