Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наведе три услова за прекин на конфликтот во палестинската енклава, а тоа е уништување на исламистичкото движење Хамас, демилитаризација и дерадикализација на енклавата, според неговата авторска статија објавена во понеделникот во американскиот весник The Wall Street Journal.
„Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира. Тоа се три предуслова за мир меѓу Израел и неговите палестински соседи во Појасот Газа“, напиша Нетанјаху.
Според него, САД, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји ја поддржуваат намерата на Израел да го уништи радикалното палестинско движење.
„За да се постигне оваа цел, неопходно е да се елиминира неговиот воен потенцијал и да се стави крај на неговата политичка доминација над Појасот Газа“, посочува израелскиот премиер чиишто цели многу потсетуваат на целите коишто рускиот претседател Владимир Путин ги постави објавувајќи ја на 24-ти февраури инвезијата во соседна Украина.
Како што забележува Нетанјаху, за демилитаризација на енклавата неопходно е „да се создаде привремена безбедносна зона долж периметарот на Појасот Газа и механизам за инспекција на границата меѓу Појасот Газа и Египет“, што ќе го спречи криумчарењето на оружје во Газа.
Во написот, еврејскиот премиер, исто така, истакна дека палестинското граѓанско општество „треба да се трансформира така што неговиот народ ја поддржува борбата против тероризмот, наместо да ја финансира“.
„Штом Хамас ќе биде уништен, Појасот Газа ќе се демилитаризира и палестинското општество ќе го започне процесот на дерадикализација, Газа може да се обнови и изгледите за поширок мир на Блискиот исток ќе станат реалност“, заклучува Нетанјаху.
Премиерот на 24-ти декември објави дека Израел ја проширува својата воена операција во Појасот Газа и дека ќе ја продолжи војната до победа над радикалното движење Хамас што владее во енклавата. Истиот ден, портпаролот на израелската војска, контраадмиралот Даниел Хагари изјави дека израелската војска ја продлабочува операцијата во областа на градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, откривајќи радикални тунели додека напредувале.
Нетанјаху, кој во понеделникот ги посети израелските сили во северниот дел на Појасот Газа, им рече на пратениците во неговата партија Ликуд дека војната е далеку од завршена и ги отфрли, како што ги нарече, медиумските шпекулации дека неговата влада може да прогласи прекин на огнот.
Нетанјаху рече дека Израел нема да може да ги ослободи преостанатите заложници на Хамас без воен притисок.
„Нема да запреме. Војната ќе продолжи до крај, додека не ја завршиме, минимално“, рече Нетанјаху.